Барса со „петарда’’ ја започна одбраната на титулата!

30/08/2011 15:52

Шпанскиот шампион Барселона со победа од 5-0 над Виљареал ја започна одбраната на титулата, избраниците на Пеп Гвардиола во комбиниран состав успеаа да го поминат првиот тежок противник без никаков проблем.
Изненадувачки, Гвардиола започна со формација 3-4-3. Проблемите во одбраната го натераа Пеп да го стави Бускетс како централен бек, а до него беа Маскерано и Абидал. Кеита играше на местото деструктивец додека Тиаго, Иниеста и Цеск го формираа редот за врска а во нападот делуваа Санчес, Меси и Педро.

Уште од самиот старт на натпреварот каталонците ја превзедоа контролата над теренот и постојано беа пред голот на жолтата подморница. најпрво Меси но неговиот шут беше блокиран и заврши во корнер, а после ударот од аголот Бускетс стрелаше со глава во пречката.

Во 25. минута 20-годишниот Тиаго се проби по центарот на одбраната и кога сите очекуваа асистенција, играчот за врска стрелаше кон голот на гостите и обезбеди предност за својот тим, неколку секунди подоцна Роси исто така проба да го изненади Валдес, но сепак не успеа во тоа.

Гостите од Ел Мадригал имаа шанса да израмнат, но Валдес повторно беше на висина на задачата, потоа следуваше нов притисок на каталонците. Лео Меси прекрасно го проигра Фабрегас, а овој со технички удар зголеми на 2-0.

Сто секунди по почетокот на вториот дел веќе падна и третиот погодок. Овој пат Тиаго одлично го проигра Санчес, новото засилување со брз чекор упати диагонален шут за својот деби гол во сино-црвениот дрес.

Во 52. минута дојде време и Меси да стави свој потпис во листата на стрелците. уште една фантастична акција заврши до Болвата, Аргентинецот секако не пропушта прилика и лесно зголеми на 4-0.

После четвртиот погодок, каталонците го намалија темпото но сепак тоа не беше пречка да постигнат уште еден погодок. Тиаго доби топка од Меси, го почека аргентинецот и му асистираше за конечните 5-0.

Во целина, Барса немаше противник денес, исто како Реал Мадрид вчера. На стартот двата главни фаворити ги оправдаа очекувањата, оваа година тие повторно ќе бидат главни доминатори во Примера и помеѓу нив ќе се реши прашањето за титулата.